ПРВ.мк
Економија

Цените растат, Владата реагира: поевтин бензин, но предупредување – следува тешка година

Цените растат, Владата реагира: поевтин бензин, но предупредување – следува тешка година

Владата најавува итни мерки за ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните, откако проценките покажуваат дека мартовската инфлација ќе се движи меѓу 4 и 5 проценти. На утрешната седница се очекува да бидат активирани заштитни механизми, меѓу кои и намалување на акцизите на горивата.

Според најавите, акцизата за дизелот ќе се намали за четири денари, додека кај бензинот се предвидува пониско намалување. Со ова, се спречува поголемо поскапување – наместо најавен раст од седум денари за дизелот, цената би се зголемила за околу три денари, додека бензинот би можел дури и благо да поевтини.

Дополнителен фактор е и можноста компанијата ОКТА да го продолжи попустот на горивата. Доколку тоа се случи, бензинот би можел да поевтини и до 2,5 денари по литар, додека цената на дизелот би останала стабилна.

Премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека годината ќе биде исклучително предизвикувачка, а кризата може да потрае и до две години, во зависност од развојот на конфликтите на Блискиот Исток. Сепак, тој нагласи дека инфлацијата нема да достигне двоцифрени нивоа.

Покрај акцизите, Владата размислува и за дополнителни мерки, како намалување на ДДВ за основните прехранбени производи од 5 на 0 проценти. Иако овие интервенции ќе имаат финансиски ефект врз буџетот, властите уверуваат дека има доволно простор за стабилно управување и најавуваат ребаланс до крајот на јуни.

Во однос на снабдувањето, институциите уверуваат дека нема ризик од недостиг на гориво. Државата располага со резерви за околу два месеци, а дополнителни количини се обезбедени преку нафтоводот Солун–Скопје.

Интересен тренд е и зголемената потрошувачка од странски возачи, која во последните недели пораснала од 10 на 15 проценти, што дополнително влијае на пазарот.

Најнови вести