ПРВ.мк
Македонија

Скандал во полицијата: Службеник изготвил лажен документ и злоупотребил потпис – случајот стигна до обвинителство!

Скандал во полицијата: Службеник изготвил лажен документ и злоупотребил потпис – случајот стигна до обвинителство!

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против полициски службеник од СВР Тетово, поради сомнение дека фалсификувал службена исправа.

Според информациите од МВР, станува збор за лицето Д.М., против кое е поднесена пријава за кривично дело согласно член 361 од Кривичниот законик. Во пријавата се наведува дека во јуни 2019 година, постапувајќи по барање од адвокат од Тетово, тој изготвил службен документ во кој биле внесени невистинити податоци за достапност на одредено лице, без притоа да направи соодветни проверки на терен.

Со цел документот да изгледа валиден и службено заверен, пријавениот го злоупотребил потписот на својот раководител, внел несоодветен деловоднички број и го заверил со официјален печат. Наместо да го проследи по редовна административна процедура, документот директно му бил предаден на адвокатот, што е спротивно на правилата за канцелариско и архивско работење.

Според достапните информации, ваквиот документ подоцна бил искористен како доказ во судска постапка пред Основниот суд во Тетово, при што бил евидентиран на штета на лице од Тетово.

Кривичната пријава е поднесена до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а институциите најавуваат дека ќе продолжат со активности за целосно расчистување на случајот.

Најнови вести