Во момент на тешка лична загуба, едно семејство донело одлука која резултирала со спасување на два човечки животи преку трансплантација на органи.
Со нивна согласност, успешно била извршена трансплантација на црн дроб кај 67-годишен пациент и трансплантација на бубрег кај 51-годишна пациентка. Двајцата пациенти се во стабилна состојба и се пуштени на домашно лекување.
Министерот за здравство Азир Алиу истакнал дека станува збор за исклучително хуман чин и пример за солидарност и алтруизам.
И националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, нагласила дека секоја трансплантација носи силна човечка приказна и претставува највисок облик на солидарност во здравствениот систем.
Во процесот учествувале повеќе специјализирани тимови од клиники во државата, меѓу кои анестезиолози, хирурзи, уролози и нефролози, како и Институтот за трансфузиологија, кои заедно овозможиле успешна реализација на интервенциите.










