Бугарија денеска гласа на нови парламентарни избори – осми во последните пет години, во обид да се стави крај на долгата политичка нестабилност во Бугарија.
Главното внимание е насочено кон поранешниот претседател Румен Радев, чија нова коалиција „Прогресивна Бугарија“ според анкетите води со околу 35 проценти поддршка. Кампањата на Радев беше силно фокусирана на борба против корупцијата и уривање на, како што вели, „олигархискиот модел“.
На второто место се очекува да се најде Бојко Борисов со неговата партија ГЕРБ, со околу 20 проценти, додека либералната коалиција ПП-ДБ е веднаш зад нив.
Овие избори се одржуваат во сенка на политичка криза која трае од 2021 година, кога масовни антикорупциски протести доведоа до пад на владата на Борисов. Ниската доверба во институциите резултираше со слаба излезност од само 39 проценти на претходните избори, но овојпат се очекува поголема мобилизација.
Радев, кој поднесе оставка од функцијата за да учествува во трката, се позиционира како алтернатива на старите политички елити и најави дека нема да коалицира со ГЕРБ, туку ќе се стреми кон апсолутно мнозинство.
Во меѓувреме, властите презедоа засилени мерки против изборни нерегуларности, при што полицијата во изминатиот период заплени над еден милион евра и приведе стотици лица поврзани со сомнежи за купување гласови.
Гласачките места се отворени од 7 до 20 часот, а резултатите од изборите ќе бидат клучни за идната политичка стабилност на земјата.










