Почина австралискиот доктор Ричард Сколејер, еден од најпознатите светски експерти за меланом и човек чие име остави длабока трага во модерната онкологија.
Сколејер почина на 59-годишна возраст, три години откако му беше дијагностициран агресивен тумор на мозокот – глиобластом. Наместо да се помири со дијагнозата, тој одлучи да стане дел од првиот ваков експериментален третман во светот, со надеж дека неговата борба ќе помогне во развојот на нови терапии за идните пациенти.
Заедно со професорката Георгина Лонг, со која соработуваше со години, беше меѓу клучните луѓе во развојот на имунотерапијата за лекување на напреднат меланом. Нивните истражувања придонесоа за драматично подобрување на шансите за преживување кај пациентите, а денес голем дел од случаите на напреднат меланом се сметаат за успешно контролирани или излечени.
Неговиот експериментален третман за глиобластом привлече внимание од медицинските центри ширум светот и отвори нови клинички истражувања во борбата против оваа тешка болест.
Колеги, пациенти и медицински институции ширум светот се простуваат од човекот кој не само што спасуваше животи, туку и во најтешките моменти од сопствениот живот остана посветен на науката и напредокот на медицината.






