Неколку лица завршиле во болница откако во Куманово избувнал пожар во паркирано возило. Инцидентот се случил доцна вечерта на улицата „Тоде Мендол“, каде се запалил автомобил „смарт брабус“ со швајцарски регистарски ознаки.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, лицата кои биле во близина на местото на настанот вдишале чад и поради тоа биле пренесени во Ургентниот центар во Куманово, каде им била укажана лекарска помош.
На терен интервенирала Територијалната противпожарна единица од Куманово, која успеала да го локализира и изгасне пожарот.
По настанот, увид извршила екипа од СВР Куманово, а надлежните работат на утврдување на причините за избувнувањето на пожарот.










