ПРВ.мк
Економија

Иран ја претвори Ормуската Теснина во „златен рудник“ – милиони долари по брод

Иран ја претвори Ормуската Теснина во „златен рудник“ – милиони долари по брод

Бродовите кои минуваат низ Ормуската Теснина моментално плаќаат меѓу 1,5 и 2 милиони долари за транзит, изјави Мохсен Занганех, член на Комитетот за планирање и буџет на иранскиот парламент.

Според иранските власти, новиот систем за управување со еден од најважните светски морски премини веќе е во функција, а приходите од таксите се слеваат директно во државниот буџет.

Иранската агенција Фарс пренесува дека уште во мај бил претставен план за управување со Ормуската Теснина, по што била формирана специјална државна агенција задолжена за издавање дозволи и контрола на поморскиот сообраќај.

Економските анализи покажуваат дека наплатата на транзитни такси може да му донесе на Иран и до 7,5 милијарди долари годишно.

Ормуската Теснина има клучно значење за светската економија бидејќи преку неа минува значителен дел од глобалниот извоз на нафта и гас. Поради тоа, секое ограничување или нарушување на пловидбата има директно влијание врз енергетските пазари и меѓународната трговија.

Според податоците на Агенцијата за управување со теснината, досега повеќе од 300 странски бродови поднеле барања за безбеден транзит. Најголем дел од нив се упатени кон азиските пазари, особено кон Кина и Индија.

Иран во меѓувреме ја заостри контролата врз Ормуз, забранувајќи транзит за бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници, додека бродовите од земјите што Техеран ги смета за пријателски продолжуваат да пловат низ теснецот во координација со иранските власти.

Ормуската Теснина останува едно од најчувствителните геостратешки жаришта во светот, а секоја промена во режимот на пловидба будно се следи од глобалните пазари.