За православните христијани кои се водат според Јулијанскиот календар, денес започнува Петровденскиот пост – духовен период посветен на светите апостоли Петар и Павле, кој завршува со празникот Петровден на 12 јули.
Овој пост е директно поврзан со празничниот циклус по Велигден, па затоа неговото времетраење не е исто секоја година. Во зависност од датумот на Пасха, Петровденскиот пост може да трае од само една седмица и еден ден, па сè до приближно шест недели. Почетокот на постот се врзува со празникот Педесетница (Духовден), кој е подвижен празник и исто така зависи од датумот на Велигден.
Во православната традиција, Петровденскиот пост се вбројува меѓу четирите главни повеќедневни пости: Велигденскиот, Петровденскиот, Богородичниот и Божиќниот пост.
Според црковното учење, суштината на постот не се сведува само на воздржување од храна, туку претставува процес на духовно и телесно прочистување. Телесниот пост подразбира избегнување на храна од животинско потекло, додека духовниот пост се однесува на воздржување од лоши мисли, зборови и постапки, како и негување на покајание и љубов кон Бога и кон луѓето.
Историски гледано, Петровденскиот пост се поврзува со раната историја на Црквата и подготовката на верниците за мисионерската служба на апостолите. Според црковното предание, тој бил воспоставен како продолжение на празничниот период по Пасха, со цел зајакнување на духовниот живот.
Црковните правила предвидуваат пост со различен степен на строгост. Во понеделник, среда и петок се практикува пост со поголема строгост, додека во останатите денови е дозволена употреба на масло. За време на викендите, пак, е дозволена и риба. Во одредени празнични денови постојат олеснувања, а дополнителни ублажувања може да се применат и при семејни празнувања, но со благослов од духовно лице.
Постот завршува на 12 јули, кога православните верници го одбележуваат празникот на светите апостоли Петар и Павле – Петровден.
Во црковните стихири од Триодот се нагласува духовната суштина на постот, каде се истакнува дека само телесното воздржување не е доволно без внатрешна промена.
„Сетилниот пост од храна не можеме да го запазиме, како што го пазеле нашите отци и учители, но дури и да го запазевме, каква полза ќе имаме без духовниот пост, за кого Црквата ни вели: ‘да постиме со пост духовен, благопријатен на Господа’“, се наведува во стихирите.
Во поуките се нагласува потребата верниците да се насочат кон сопственото духовно подобрување, со „срце скрушено и смирено“ (Псалм 50, 19), да не се занимаваат со туѓите слабости и да не судат за другите, туку да се фокусираат на сопствените грешки и да ги совладуваат страстите пред тие да се претворат во дела, според учењето на преподобен Макариј Оптински.
Дополнително се појаснува дека практиката на пост во понеделник потекнува од монашката традиција во старите византиски манастири. Освен средата и петокот, монасите вовеле и понеделничен пост, ден посветен на ангелите во православното богослужение.
Монашкиот начин на живот се смета за „ангелски образ“, односно стремеж кон духовно живеење слично на бесплотните сили. Поради тоа, постот во понеделник останал дел од монашката пракса во многу традиции, но не претставува задолжителна обврска за сите православни верници.








