По цели 15 години складирање, денес конечно започнува процесот на уништување на голема количина минско-експлозивни средства запленети во минатото, со што се затвора едно сериозно безбедносно прашање кое со години било оставено на страна.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, во координација со Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи, преземаат мерки за ништење на запленетите експлозиви.
Минско-експлозивните средства ќе бидат транспортирани од касарната „Ѓорче Петров“ до армискиот полигон „Криволак“ со товарни возила на Армијата на Република Северна Македонија. Таму, во строго контролирани услови, ќе се изврши нивно уништување со контролирана детонација.
Во процесот ќе учествуваат Комисијата за уништување на оружје, полициски службеници, стручни лица од АРМ, како и пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување, со што ќе се обезбеди максимална безбедност и професионален пристап.
Од МВР потенцираат дека фактот што ваков тип на уништување не бил спроведен цели 15 години укажува на сериозни пропусти во минатото во однос на безбедноста на граѓаните. Денешната акција, според институциите, претставува јасен сигнал за нов, поодговорен пристап, со кој безбедносниот систем конечно се поставува на ниво што одамна било неопходно.
















