Синот на легендарниот американски режисер Роб Рајнер и Мишел Сингер е уапсен во врска со нивното убиство, откако двајцата беа пронајдени мртви во нивниот дом во Лос Анџелес. Полицијата веднаш започнала истрага за случајот, третирајќи го како убиство.
„Триесет и двегодишниот Ник Рајнер е уапсен вчера и обвинет денеска. Му е одредена кауција од четири милиони долари“, соопшти полицијата, без да објави за какво конкретно обвинение станува збор. Според информациите на сајтот „ТМЗ“, Ник и неговата сопруга имале исеченици што наликуваат на рани од нож.
Ник Рајнер е второто од трите деца на Роб и Мишел Рајнер, кои беа во брак од 1989 година. Тој работел како сценарист и е најпознат по полуавтобиографскиот филм „Being Charlie“ од 2016 година, кој го режираше неговиот татко. Американските медиуми јавуваат дека Ник порано се лекувал од зависност од дрога.
Роб Рајнер, син на великанот на комедијата Карл Рајнер, започнал актерска кариера во 1960-тите и се прославил со серијата „Сите во семејството“ во 1970-тите, за која доби две награди Еми. Како режисер дебитирал во 1984 година со култната комедија „Ова е Спајнл тап“, а потоа следеле хитови како „Остани со мене“ (1986), „Принцезата невеста“ (1987), „Кога Хари ја сретна Сали“ (1989), „Мизери“ (1990), „Неколкумина добри луѓе“ (1992) и „Духовите на Мисисипи“ (1996). Единствената номинација за Оскар ја доби во 1993 година за најдобар филм со „Неколкумина добри луѓе“.
Мишел Сингер Рајнер била фотографка и ја направила познатата фотографија на Доналд Трамп за корицата на неговата книга „Трамп: Уметноста на договорот“.
Случајот предизвика големо внимание во американските медиуми, а истрагата е во тек.
















