Во време кога технологијата сè повеќе ги брише границите меѓу фантазијата и реалноста, кинеската компанија XPeng AeroHT прави сериозен пробив со својот футуристички модел „Land Aircraft Carrier“, претставен во Guangzhou и на China International Aviation and Aerospace Exhibition.
Овој револуционерен концепт не е класичен „летачки автомобил“, туку целосно нов пристап – модуларен систем составен од две одделни единици: копнено возило и летало. „Матичниот брод“ е шестточкашко комбе долго околу 5,5 метри, со хибриден електричен погон и автономија до 1.000 километри. Во него е интегрирано компактно летало, налик на голем дрон, дизајнирано за превоз на две лица.
Со едно притискање на копче, леталото се одвојува и започнува самостоен лет, а целиот процес на повторно спојување трае околу пет минути. Системот овозможува до шест летови со едно полнење, а максималната брзина достигнува околу 360 км/ч, што го позиционира меѓу најамбициозните проекти во eVTOL индустријата.
Посебен впечаток остава високото ниво на автоматизација. Леталото може целосно самостојно да изведува маневри – од полетување до слетување – без директна интервенција на пилот. Во автоматски режим, системот управува со целата рута, додека рачниот режим е поедноставен и може да се совлада со кратка обука од само неколку часа.
Цената на ова „возило на иднината“ се проценува на околу 276.000 долари, а интересот веќе е огромен – регистрирани се над 2.000 нарачки по првите демонстрации.
Компанијата веќе гради производствен капацитет во Гуангжу со планирано производство од 10.000 единици годишно, а првите испораки се очекуваат во текот на 2026 година. Овој проект јасно покажува дека урбаната мобилност влегува во нова ера, каде патиштата повеќе нема да бидат единствената опција за движење.










