Финска денеска официјално побара итна финансиска инјекција од 9,55 милиони евра од Европската комисија за да ги зајакне своите капацитети за поправка на стратешките подводни кабли. Овој потег доаѓа во време на екстремна напнатост во балтичкиот регион, кој веќе подолго време е мета на мистериозни прекини на енергетските и телекомуникациските мрежи. Проектот, во кој се вклучени и Шведска и Естонија, има само една цел: експресна реакција во случај на сериозни инциденти кои би можеле целосно да ја отсечат Европа од дигиталниот свет и енергетските текови.
Безбедносната слика на Балтичкото Море драматично се влоши кон крајот на 2024 и почетокот на 2025 година, кога беа регистрирани серија оштетувања на клучните кабли што ги поврзуваат Финска, Германија и Литванија. Најновиот извештај на шведските истражители откри шокантни детали за инцидентот со каблите „C-Lion1“ и „BCS East-West Interlink“. Утврдено е дека штетата била предизвикана од кинескиот брод „Yi Peng 3“, кој со своето сидро орал по морското дно на неверојатно растојание од над 180 километри, прекинувајќи сè пред себе.
Иако засега нема „цврсти докази“ за намерна саботажа, истражителите се сомневаат дека зад овој „инцидент“ стојат руски разузнавачки служби кои можеби влијаеле врз капетанот на кинескиот брод. Финското министерство за транспорт и врски нагласува дека Европа не смее да зависи од пазарот во вонредни состојби, туку мора да поседува сопствени тимови за итни поправки. Конечната одлука за финансирањето се очекува наесен, додека Балтикот останува под постојан надзор поради страв од нови хибридни напади врз критичната инфраструктура.










