Додека планирате летен одмор во Грција, важно е да знаете дека новите сообраќајни правила носат значително построги казни, особено за неносење сигурносен појас – дури и за патниците.
Според измените во грчкиот Закон за безбедност во сообраќајот, одговорноста повеќе не е само на возачот. Сега и патниците директно одговараат ако не користат сигурносен појас, а казните се изрекуваат за секој прекршок поединечно.
Ако возачот не носи појас, казната изнесува 350 евра и следи одземање на возачка дозвола на 30 дена. Ако пак патник не е врзан, се казнува и патникот и возачот со по 150 евра, дури и ако возачот самиот е врзан.
Во пракса, тоа значи дека вкупните казни можат да достигнат и до околу 800 евра, доколку има повеќе патници кои не го почитуваат правилото.
Дополнително, во случај на повторување на прекршокот, санкциите стануваат уште построги – со повисоки парични казни и подолги забрани за управување возило.
Новите правила важат и за такси возила, па патниците во такси исто така мора да носат појас, а и возачите се казнуваат доколку тоа не се почитува.
Целта на овие мерки е намалување на сообраќајните несреќи и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.










