ПРВ.мк
Балкан

СЕ ПОДГОТВУВА ВРАЌАЊЕТО НА ЗАДОЛЖИТЕЛНИОТ ВОЕН РОК: Началникот на Генералштабот најавува целосна спремност на армијата!

СЕ ПОДГОТВУВА ВРАЌАЊЕТО НА ЗАДОЛЖИТЕЛНИОТ ВОЕН РОК: Началникот на Генералштабот најавува целосна спремност на армијата!

Вооружени сили на Србија се подготвени за можно враќање на задолжителниот воен рок, изјави началникот на Генералштабот Милан Мојсиловиќ, нагласувајќи дека сите клучни подготовки се веќе во завршна фаза.

Според неговата изјава, безбедносната состојба во Србија е стабилна, но постојат одредени ризици и предизвици, особено на територијата на Косово и Метохија. Тој истакнува дека армијата е целосно способна да ги изврши сите задачи, вклучително и заштита на државата и нејзините граѓани од надворешни закани.

Во однос на можноста за повторно воведување на задолжителниот воен рок, Мојсиловиќ посочи дека армијата веќе ги има подготвено сите потребни елементи – од нормативни документи и планови за обука, до прирачници, инфраструктура и нова опрема. Според него, условите за идните регрути ќе бидат значително подобри од оние во минатото.

Тој додаде дека се работи на зајакнување на центрите за регрутација и подобрување на системот за здравствена заштита на идните војници. Исто така, се подготвуваат законски измени кои, доколку бидат усвоени, би овозможиле брзо активирање на првата генерација регрути, со најави дека тоа би можело да се случи веќе напролет следната година.

Покрај ова, се истакнува дека интересот за воените училишта е стабилен, но дека на армијата ѝ е потребен поголем број висококвалификуван кадар, поради зголемената технолошка сложеност и модернизација на вооружувањето.

Мојсиловиќ нагласи и дека армијата е значително модернизирана во однос на минатото, со нови системи и подобрена обука, што според него ја прави способна да одговори на современите безбедносни предизвици во регионот.

Во својата изјава, тој ја спомена и ситуацијата на Косово и Метохија, како и регионалните безбедносни односи, нагласувајќи дека армијата внимателно ја следи состојбата и е во постојана координација со меѓународните сили на терен.

Според него, КФОР останува клучен фактор за безбедност на теренот, додека секоја евентуална ескалација на ситуацијата се следи со посебно внимание.

Во делот на пошироките регионални односи, тој го коментираше и формирањето на воени соработки во регионот, оценувајќи дека армијата на Србија е подготвена да одговори на секој предизвик и дека нејзините капацитети се значително зголемени во споредба со претходните години.

Мојсиловиќ направи и осврт на историскиот контекст, потсетувајќи дека армијата денес е далеку помодерна и подобро опремена во споредба со периодот на НАТО бомбардирањето во 1999 година, нагласувајќи дека денешните капацитети претставуваат значаен фактор на одвраќање.

Со овие најави, Србија испраќа сигнал дека сериозно се подготвува за можни промени во одбранбениот систем, при што враќањето на задолжителниот воен рок се гледа како дел од поширока стратегија за зајакнување на воените капацитети.

Најнови вести