ПРВ.мк
Балкан

Разбиен голем меѓународен синџир за нелегална трговија - државата оштетена за една милијарда евра!

Разбиен голем меѓународен синџир за нелегална трговија - државата оштетена за една милијарда евра!

Грчките власти разбија меѓународен синџир за нелегално производство и шверц на цигари, кој според проценките го оштетил државниот буџет за околу една милијарда евра.

Според грчката агенција АНА-МПА, акцијата е резултат на четиримесечна истрага и координирана полициска операција. Во рамки на акцијата биле извршени претреси на 42 локации, меѓу кои луксузни вили, хотели, апартмани, како и објект за кој се сомнева дека служел за производство на нелегален тутун.

Исто така биле запленети 76 пловни објекти (вклучувајќи танкер и два товарни брода), 26 луксузни возила, камиони и кампери, како и блокирани банкарски сметки и сефови поврзани со мрежата.

Според истрагата, во криминалната група биле вклучени 38 лица и 21 фирма. Две главни фигури, познати под прекарите „Претседателот“ и „Путин“, наводно ја раководеле операцијата, додека други членови имале клучни улоги во дистрибуцијата и логистиката.

Потеклото на парите било прикривано преку фиктивни компании и лажни фактури, со цел легализација на приходите од нелегалната трговија.

Истрагата продолжува со цел да се утврди дали нелегалните производи биле дистрибуирани и на пазари во соседните балкански земји.