Сојузот на стопански комори побара од Грција да ја одложи примената на новиот ЕЕС систем во текот на летната сезона, со цел да се избегнат големи застои на граничните премини.
Причината за барањето е очекуваниот наплив на туристи од Македонија и Србија, кои традиционално масовно патуваат кон грчките летувалишта со автомобили. Според туристичкиот сектор, новиот систем може значително да го забави преминувањето на границата.
Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при ССК, во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21 изјави дека постои поддршка и од хотелиерите во северна Грција за одложување на системот во летниот период.
Тој предупреди дека проверката на едно возило со четиричлено семејство може да трае околу 10 минути. Тоа, според него, би значело дека за еден час би можеле да поминат само неколку возила, што би создало огромни колони.
Керим оцени дека чекање од 10 до 12 часа на граница би било дури и „добро сценарио“, доколку системот почне да се применува без одложување.
Од туристичкиот сектор апелираат навреме да се најде решение, за летната сезона да не започне со нервози, застои и сериозни проблеми за патниците.









