Германија ќе распореди поморски единици во Медитеранот како подготовка за можна улога во меѓународни мисии поврзани со Ормуската Теснина, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Според него, станува збор за миноловец и команден и снабдувачки брод, но точниот датум на нивното испраќање засега не е прецизиран. Овој чекор доаѓа во период на зголемени тензии по нападите на САД и Израел врз Иран и последователните нарушувања во пловидбата низ Ормус.
Блокадата на теснецот предизвика сериозни последици врз светската трговија, особено врз цените на нафтата и гасот. Повторното отворање на оваа клучна поморска рута е едно од главните прашања во разговорите за смирување на конфликтот.
Писториус нагласи дека евентуалното германско учество би било можно само под јасни услови: стабилен прекин на огнот, правна основа според меѓународното право и одобрение од Бундестагот.
Германија посебно ја истакнува својата експертиза во чистење мини, област во која има значајна улога во рамките на НАТО. Канцеларот Фридрих Мерц претходно порача дека Берлин е подготвен да се приклучи на мултинационална мисија за заштита на слободата на пловидба, преку капацитети за деминирање и поморско извидување.






