Новиот Клинички центар во Скопје ќе се гради на платото во близина на спортската арена „Борис Трајковски“, потврди премиерот Христијан Мицкоски.
Според најавите, комплексот ќе биде директно поврзан со болницата „8 Септември“ преку подземен тунел, со што ќе се создаде современ и функционален медицински центар на едно место.
Премиерот појасни дека во тек се разговори со сопственикот на земјиштето, бидејќи парцелата е во приватна сопственост. Владата преговара за размена на земјиште, а според Мицкоски, досегашните разговори се движат во позитивна насока.
„Сакаме тука да го направиме целиот комплекс кој со подземен тунел би се поврзал со актуелната болница ‘8 Септември’. Во непосредна близина се наоѓаат и ПЕТ-центарот и поликлиниката ‘Букурешт’, што овозможува создавање на целосно заокружен медицински центар“, изјави премиерот.
Покрај проектот во Скопје, Владата најавува продолжување и на други капитални инвестиции во здравството, меѓу кои се изградбата на новата Клиничка болница во Штип, заедно со медицински факултет и студентски дом, Клиничката болница во Тетово, како и нови здравствени објекти во повеќе градови низ државата.
Целта е модернизација на здравствениот систем и подобрување на условите за пациентите и медицинскиот персонал во целата држава.










