ПРВ.мк
Македонија

СУДОТ ОДЛУЧИ: Ослободителна пресуда за таткото на Васил Јованов – образложено зошто не сноси кривична одговорност!

СУДОТ ОДЛУЧИ: Ослободителна пресуда за таткото на Васил Јованов – образложено зошто не сноси кривична одговорност!

Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за З.Ј., сопственикот на возилото со кое беше предизвикана трагичната сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“, случај за кој претходно веќе беше осуден неговиот син.

Судот, постапувајќи по предметот К.бр. 655/25, оценил дека дејствијата кои му се ставаат на товар на обвинетиот не ги исполнуваат законските услови за кривично дело „Загрозување на безбедноста на сообраќајот“ според член 298 од Кривичниот законик, поради што донел ослободителна пресуда.

Во образложението се наведува дека самата околност што обвинетиот бил сопственик на возилото, како и фактот дека неговиот полнолетен син управувал без возачка дозвола, не се доволни за утврдување кривична одговорност.

Според судот, ваквото однесување законодавецот веќе го регулирал како прекршок во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а судот нема право преку пошироко толкување да создава нови форми на кривична одговорност кои не се предвидени со закон.

Во пресудата дополнително се нагласува дека повторувањето на прекршочни дејствија само по себе не значи автоматска трансформација во кривично дело, доколку не се исполнети конкретните законски елементи.

Судот оценил и дека непосредниот причинител на несреќата бил полнолетниот возач, кој како самостоен учесник во сообраќајот ја носи личната одговорност за своите постапки.

Во образложението се потенцира и принципот на индивидуална кривична одговорност, според кој последиците од постапките на едно полнолетно лице не можат автоматски да се префрлат на друго лице само поради семејна врска или сопственост врз возилото.

Против донесената пресуда странките имаат право на жалба пред второстепениот суд, што значи дека случајот сè уште може да добие нов правен епилог.