Еден од најпочитуваните лекари во историјата на македонската медицина, доктор Никола Стојановски, денеска наполни 103 години, оставајќи зад себе живот исполнет со хуманост, знаење и безрезервна посветеност кон најмладите пациенти.
Доктор Стојановски е роден во 1923 година во селото Скачинци, во велешкиот регион. Своето високо образование го завршил на Медицинскиот факултет во Белград, каде што дипломирал во 1952 година, а неколку години подоцна, во 1958 година, ја завршил специјализацијата по педијатрија во Загреб.
По стекнувањето на стручната подготовка, целиот свој професионален живот го посветил на грижата за децата, работејќи како педијатар и хематолог во Општата болница во Велес. Неговото име со децении било синоним за доверба, смиреност и човечност, а генерации пациенти и родители го паметат како лекар кој секогаш пристапувал со исто внимание и љубов, без разлика на околностите.

Покрај клиничката работа, доктор Стојановски бил и директор на велешката болница, функција што ја извршувал со исклучителна одговорност и пожртвуваност. Колегите сведочат дека за него не постоеле „помалку важни“ пациенти – секое дете било подеднакво значајно, а неговиот тивок пристап и топол однос оставиле длабока трага во здравствениот систем.
Информацијата за неговиот 103. роденден беше споделена од Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје, каде што со особена почит му беше оддадена признателност за животниот и професионалниот пат на овој исклучителен лекар.


















