Македонската ракометна репрезентација вечерва од 19:00 часот го започнува најважниот чекор во квалификациите, кога на гостински терен во Прешов ќе се соочи со Словачка во првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство 2027.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе се обидат да стигнат до поволен резултат пред реваншот во Скопје, кој ќе биде клучен за конечниот билет на Мундијалот.
Лазаров предупредува дека дуелот нема да биде лесен, и покрај тоа што Словачка не спаѓа меѓу најатрактивните ракометни репрезентации. Тој нагласува дека противникот е дисциплиниран, физички силен и тактички добро организиран, што може да создаде сериозни проблеми.
„Влогот е огромен. Свесни сме за притисокот и традицијата што ја имаме во последната деценија со редовни настапи на големи натпреварувања. Секој противник мора да се почитува“, истакна селекторот.
Македонските ракометари, според него, се максимално подготвени да дадат сè од себе и да излезат од Прешов со резултат кој ќе им даде предност пред домашниот реванш во Скопје.
Очекувањата се за тензичен и физички исцрпувачки натпревар, каде секоја грешка може да биде клучна во битката за пласман на Светското првенство.









