Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Украина денес располага со најсилната и најмоќната армија во Европа, оценка која веднаш предизвика големи реакции во меѓународната јавност.
Во интервју за „Фокс њуз“, Рубио нагласил дека украинските вооружени сили стекнале огромно борбено искуство и се трансформирале во високо способна воена сила, и покрај значително поголемите ресурси на Русија. Тој додал дека тековната војна целосно ја променила рамнотежата на воените способности во Европа.
Според неговите изјави, руските сили претрпуваат сериозни загуби на бојното поле, при што месечно губат значително поголем број војници во споредба со украинската страна. Тој посочи дека тоа ја покажува тежината и интензитетот на конфликтот.
Рубио исто така предупреди дека дипломатските напори во последниот период забавиле, а двете страни се повеќе се потпираат на воените позиции отколку на преговарачки процес.
И покрај тоа, тој изрази надеж дека во иднина повторно ќе се отвори простор за преговори меѓу Киев и Москва, потенцирајќи дека мировното решение останува цел на САД.
Во меѓувреме, украинската армија го проширува своето знаење и во областа на дрон-технологијата, кое веќе се користи и во НАТО вежби, меѓу кои и шведската воена обука „Аурора 26“, каде украински оператори демонстрирале напредни тактики со FPV-дронови.
Според извештаите, нивните активности дури довеле до привремени прекини на сценаријата, бидејќи западните сили морале да ги прилагодат своите тактики на новиот вид на војување.







