Летонските Национални вооружени сили денеска издадоа предупредување за можна закана во воздушниот простор во повеќе региони во близина на границата со Русија.
„Националните вооружени сили на Летонија известуваат – воздушна закана во летонскиот воздушен простор. Побарајте безбедно место во затворен простор. Ако забележите нисколетачки и сомнителен објект, не приближувајте му се и јавете се на 112. Ќе бидете известени кога ќе престане заканата“, се наведува во соопштението на војската, како што пренесуваат летонските портали „Delfi“ и „112.lv“.
Како што е прецизирано, заканата од воздушна опасност е прогласена во регионите Алуксне, Луџа и Балви.
Националните вооружени сили на Летонија, заедно со сојузниците од НАТО, постојано го следат воздушниот простор за да обезбедат можност за моментално реагирање на потенцијална закана, потсетува „Delfi“ и додава дека војската ги засилила капацитетите на противвоздушната одбрана на источната граница со испраќање дополнителни единици.
Војската го повика населението да ги следи само официјалните извори на информации и да ги почитува упатствата на надлежните служби.










