Две лица загинаа во неделата кога приватен авион се урна на пистата на меѓународниот аеродром „Ла Романа“ во источниот дел на Доминиканската Република, соопшти националната управа за цивилно воздухопловство. Во несреќата животот го загубија пилотот и копилотот, а во авионот немало патници, пишува CNBCTV18.
Снимките кои се појавија на социјалните мрежи прикажуваат густ облак од чад над аеродромот, додека противпожарните возила се обидуваат да го изгаснат пожарот настанат по падот. Се појави и видеоснимка од самата несреќа.
Екипажот прогласил вонредна состојба
Доминиканскиот институт за цивилно воздухопловство објави дека екипажот прогласил вонредна состојба додека авионот се наоѓал на приближно 16 наутички милји југозападно од Ла Романа. Авионот се урнал при обидот да се врати на аеродромот.
Властите потврдија дека е покрената истрага за да се утврди причината за падот на авионот од типот Gulfstream G200.
Аеродромот е клучен за туризмот
Аеродромот Ла Романа го опслужува истоимениот туристички град, а туризмот е клучна стопанска гранка за Доминиканската Република, карипска држава со 11,6 милиони жители.
Ова не е прва ваква несреќа во последните години. Во 2021 година, девет лица загинаа при пад на приватен авион по полетувањето од меѓународниот аеродром „Лас Америкас“ во главниот град Санто Доминго.










