Американските власти потврдија нови случаи на опасниот паразит New World screwworm, познат по тоа што неговите ларви се хранат со живо ткиво кај животни, а во ретки случаи можат да заразат и луѓе.
Според Министерството за земјоделство на САД (USDA), два нови случаи се регистрирани во Тексас, со што вкупниот број потврдени случаи во државата достигна четири. Последните инфекции биле откриени кај теле во округот Ла Сал и кај куче во округот Ендрус.
New World screwworm е ларва на мува која ги положува своите јајца во отворени рани на топлокрвни животни. Откако ќе се изведат, ларвите почнуваат да се хранат со живото ткиво, предизвикувајќи сериозни инфекции и оштетувања.
Научниците предупредуваат дека во наредниот период може да бидат откриени уште случаи, но посочуваат дека тоа не мора да значи брзо ширење на паразитот. Според експертите, зголеменото внимание и засиленото тестирање придонесуваат за почесто откривање на инфекциите.
Американските власти веќе преземаат мерки за спречување на ширењето на паразитот, кој беше искоренет во САД уште во 1960-тите години. Повторната појава предизвикува загриженост кај сточарите поради можните економски последици врз индустријата.
Иако паразитот не го загадува месото и не претставува опасност за храната, неговото ширење може да предизвика сериозни проблеми кај добитокот и домашните животни. Поради тоа, Канада веќе привремено го суспендираше увозот на говеда, коњи и друг добиток од Тексас.
Експертите нагласуваат дека паразитот најлесно се размножува во топли и влажни услови, што го прави особено активен во текот на летните месеци.









