Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров упати остри критики кон Соединетите Американски Држави, обвинувајќи ги дека ги напуштаат дипломатските правила и меѓународните норми во обид да ги заштитат сопствените интереси.
Во интервју за руска државна телевизија, Лавров оцени дека Вашингтон со своите потези во Латинска Америка и на Блискиот Исток го враќа светот во период во кој, според него, немало ниту вистинско меѓународно право, ниту стабилен систем на односи меѓу државите.
Тој тврди дека САД сè поотворено настапуваат со политика на сила, особено кога станува збор за земји богати со природни ресурси. Според Лавров, американската стратегија е насочена кон доминација на глобалните енергетски пазари, а како примери ги посочи Венецуела и Иран.
Рускиот шеф на дипломатијата ја критикуваше и европската енергетска политика, наведувајќи дека Европа, под притисок на Вашингтон, се откажала од поевтини извори на енергија и сега се соочува со поскапи алтернативи. Според него, Германија е понижена, додека Унгарија и Словачка се обидуваат да ги заштитат своите економски интереси.
Лавров оцени дека ваквиот пристап не претставува модерна дипломатија, туку обид за враќање на колонијален начин на размислување. Тој додаде дека и во разговорите за Украина, САД, според Москва, се водат првенствено од економски и енергетски интереси.
Според Лавров, Русија е подготвена за заемно корисни проекти, но само доколку и нејзините интереси бидат почитувани.







