ПРВ.мк
Свет

Летувањето во Европа ќе стане луксуз? Се најавува голем раст на цените на авионските билети!

Летувањето во Европа ќе стане луксуз? Се најавува голем раст на цените на авионските билети!

Патувањата низ Европа ова лето би можеле сериозно да ги погодат џебовите на граѓаните, откако од авиоиндустријата пристигна предупредување дека поскапувањето на авионските билети е практично неизбежно.

Генералниот директор на Меѓународното здружение за воздушен сообраќај – ИАТА, Вили Волш, предупреди дека авиокомпаниите веќе се соочуваат со огромен притисок поради растечките трошоци за млазно гориво и дека тие трошоци наскоро ќе мора да се префрлат врз патниците.

Иако дел од европските авиокомпании во изминатиот период нудеа попусти и пониски цени за да ја зголемат побарувачката пред летната сезона, според Волш таквата политика не може да трае долго. Како што објаснува, цените на нафтата продолжуваат да растат, а проблемите со снабдувањето дополнително ја влошуваат состојбата.

Главната причина за кризата е ситуацијата на Блискиот Исток и затворањето на Ормутскиот теснец, кој претставува една од најважните рути за транспорт на нафта и гориво во светот. Поради нарушениот транспорт, Европа остана со значително помал увоз на млазно гориво од регионот на Заливот.

Според податоците на Меѓународната агенција за енергија, европскиот увоз на авионско гориво од Блискиот Исток во април драстично паднал – од околу 330.000 на само 60.000 барели дневно. Тоа веќе создава притисок врз авиокомпаниите кои мораат да бараат поскапи алтернативни извори на снабдување.

Од ИАТА претходно предупредија дека до крајот на мај постои можност за откажување летови во Европа поради недостиг на гориво, додека организацијата АЦИ Европа алармираше дека аеродромите би можеле да се соочат со сериозни проблеми доколку состојбата со Ормутскиот теснец не се стабилизира.

Иако Европската комисија во моментов смирува дека нема непосредна опасност од недостиг на гориво, сепак не се исклучуваат ризици во следните месеци, особено ако кризата продолжи.

Во меѓувреме, дел од авиокомпаниите веќе почнаа да ги менуваат своите распореди и да ги намалуваат капацитетите. Аналитичката компанија „Цириум“ објави дека само во мај глобално биле откажани околу 13.000 летови, што значи дека на пазарот има речиси два милиони помалку достапни седишта за патниците.

Европската унија веќе разгледува можности за зголемен увоз на гориво од САД и други пазари, но експертите предупредуваат дека дури и ако состојбата на Блискиот Исток брзо се стабилизира, цените нема веднаш да се вратат на старото ниво. Причината е што пазарот веќе е погоден од нарушени транспортни рути, повисоки логистички трошоци и проблеми со рафинериите.

За граѓаните тоа значи само едно – летните одмори и патувања низ Европа годинава најверојатно ќе чинат значително повеќе, особено во шпицот на сезоната кога побарувачката традиционално е