ПРВ.мк
Свет

Путин најави велигденско примирје, Украина порача дека ќе го почитува

Путин најави велигденско примирје, Украина порача дека ќе го почитува

Русија денеска треба да започне 32-часовно велигденско примирје во војната со Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди запирање на борбените операции од 16:00 часот по московско време на 11 април до крајот на 12 април. Кремљ соопшти дека руските сили добиле наредба да прекинат со воените дејствија, но и да останат подготвени во случај на, како што наведуваат, можни провокации.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Украина е подготвена да го почитува прекинот на огнот, нагласувајќи дека Киев и претходно предлагал пауза во нападите, особено во периодот на православниот Велигден. Тој и во изминатите денови повтори дека Украина останува отворена за прекин на непријателствата доколку и руската страна навистина се придржува кон договореното.

И покрај оваа најава, неизвесноста останува голема. Слични кратки примирја беа прогласувани и претходно, но завршуваа со меѓусебни обвинувања за прекршување. Само неколку часа пред стапувањето во сила на оваа пауза, имаше нови напади и од двете страни, што дополнително го намалува оптимизмот дека прекинот на огнот ќе донесе посериозно смирување.

Ова кратко примирје доаѓа во момент кога пошироките мировни напори се заглавени, а вниманието на дел од меѓународните посредници е пренасочено и кон кризата на Блискиот Исток.