Мировните разговори меѓу САД и Иран почнуваат викендов во Исламабад, во атмосфера на висока напнатост и засилени безбедносни мерки. Пакистанските власти презедоа сериозни чекори за обезбедување на настанот, а главниот град е под посебен режим додека двете страни се подготвуваат за средба што би можела да има големо влијание врз состојбите во регионот.
Американската делегација ја предводи потпретседателот Џеј Ди Венс, а во тимот се и специјалниот претставник Стив Виткоф, како и Џаред Кушнер. Пред почетокот на средбите, од Вашингтон беше испратена порака дека САД влегуваат во процесот со надеж за напредок, но и со јасно предупредување дека нема да прифатат одолговлекување или тактики што би го нарушиле текот на разговорите.
Иран во Пакистан пристигнува со бројна делегација составена од десетици претставници, експерти и безбедносен персонал. На чело на тимот е Мохамед Бакер Калибаф, а дел од разговорите ќе води и шефот на дипломатијата Абас Аракчи. Од иранска страна веќе беше порачано дека постои внимателност и недоверба, со образложение дека претходните контакти со САД биле проследени со разочарувања и неисполнети ветувања.
Според информациите, американската страна на маса носи предлог што опфаќа повеќе чувствителни точки, меѓу кои нуклеарната програма на Иран, ограничувањата во одбранбениот сектор и прашањето за Ормускиот Теснец.
Во меѓувреме, дополнителен притисок создава и пораката од Доналд Трамп, кој предупреди дека доколку разговорите не донесат конечен резултат, Вашингтон е подготвен за нови воени потези.
Сето тоа ја прави оваа рунда преговори една од најследените и најчувствителните во последниот период.










