Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека никогаш не гарантирал оти за време на неговото владеење нема да има нови воени конфликти, отфрлајќи ги тврдењата дека дал такво ветување во минатото.
Во интервју за Ен-Би-Си, Трамп нагласи дека неговата администрација изградила исклучително силна воена моќ и дека токму тоа било една од неговите најголеми цели.
„Како прво, не гарантирав дека нема да има нови војни. Зошто би ја изградиле најсилната војска на светот? Ја изградив нашата армија. Наследив ужасна армија. Немаше опрема, немаше ништо. Кога велите дека сум ветил, јас не ветив ништо“, изјави Трамп.
Тој истакна дека и натаму е против долготрајни и исцрпувачки воени конфликти, но смета дека актуелниот конфликт со Иран не може да се споредува со таквите војни.
Според него, голем дел од заканата веќе е неутрализиран и конфликтот би можел наскоро да заврши.
„Војната во Виетнам траеше 19 години поради глупави луѓе. Војната со Иран трае три месеци и заканата во голема мера е завршена. Наскоро ќе биде готова. Но, не можеме да му дозволиме на Иран да има нуклеарно оружје зашто ќе нѐ разнесе. Нема да го има ни Ен-Би-Си“, рече Трамп.
Неговите изјави доаѓаат во период кога повторно се анализираат пораките што ги испраќаше за време на претседателските кампањи. Во текот на годините, Трамп често ја критикуваше американската вмешаност во долготрајни воени операции на Блискиот Исток и ветуваше поинаков пристап кон надворешната политика.
На еден од своите митинзи во Пенсилванија во 2024 година, тој порача дека нема да ги испраќа американските војници во, како што ги нарече, „глупави војни во странство што никогаш не завршуваат“.
„Нема да ве праќам да се борите и умирате во глупави војни во странство што никогаш не завршуваат. Нема да започнам војна. Ќе ги сопрам војните“, изјави тогаш Трамп.
Неговите најнови коментари повторно ја отворија дебатата за тоа како се толкуваат неговите предизборни ветувања и каква улога треба да имаат САД во меѓународните конфликти во иднина.










