Во изминатото деноноќие, полицијата регистрирала дури осум случаи на семејно насилство низ државата, при што четири лица се лишени од слобода, а повеќе жртви пријавиле долгогодишно малтретирање, закани и физички напади.
Најтежок случај е пријавен во Скопје, каде 34-годишен маж со години го малтретирал својот 62-годишен татко, упатувајќи му закани и дури замавнувал со остар предмет кон него. Полицијата го привела и се очекува кривична пријава.
Во друг случај, 38-годишна жена пријавила дека нејзиниот поранешен сопруг подолг период ѝ испраќал заканувачки пораки преку социјални мрежи, а претходно ја изложувал и на психичко и физичко насилство.
Уште една вознемирувачка пријава доаѓа од Петровец, каде 56-годишен маж ја нападнал сопругата во нивниот дом, ѝ упатувал закани, кршел предмети и ја избркал надвор. Жената пријавила дека насилството траело подолг период, но досега не било пријавувано.
Во Охрид, 37-годишник е приведен откако физички ја нападнал сопругата и им се заканувал со остар предмет и на неа и на нивни пријатели. Судот веќе му одредил притвор од осум дена.
Полицијата постапувала и по случај во кој жена од Охрид го нападнала својот сопруг, како и во Дебар, каде татко бил физички нападнат од својот син.
Во Кичево, 52-годишник бил уапсен затоа што и покрај судска забрана, продолжил да ја вознемирува сопругата и нејзината мајка со телефонски повици.
Дополнително, во Гостивар, 41-годишен маж бил приведен поради закани кон поранешната партнерка, додека неговата сопруга пријавила дека истата жена злоупотребувала лични податоци и ширела навреди на социјалните мрежи.
Надлежните институции информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.










