ПРВ.мк
Република

(ФОТО) НАЈМЛАДИТЕ ГО МЕНУВААТ СВЕТОТ: Деца од велешките градинки засадија 3.000 дрвца на оваа локација!

(ФОТО) НАЈМЛАДИТЕ ГО МЕНУВААТ СВЕТОТ: Деца од велешките градинки засадија 3.000 дрвца на оваа локација!

Децата од градинката „Димче Мирчев“ од Велес учествуваа во голема еколошка акција за пошумување на опожарен дел во близина на езерото Младост, каде заедно со своите родители и воспитувачки засадија околу три илјади садници зимзелени дрвја.

Настанот се одржа под мотото „Засади дрвце, засади радост“, а беше организиран во соработка со Спортската академија „Јуниор“. Целта на активноста беше да се обнови уништениот простор и да се поттикне еколошката свест кај најмладите.

Од градинката истакнаа дека на повикот се одзвале деца од сите возрасни групи, вклучително и најмалите од јаслите, кои биле придружувани од своите родители. Преку директно учество, децата имале можност да научат за значењето на дрвјата и заштитата на природата на практичен начин.

Директорката Наташа Јанушева нагласи дека акцијата претставува важен воспитно-образовен момент, во кој најмладите преку игра и заедничка работа со возрасните стекнуваат свест за екологијата. Според неа, децата со голема радост и ентузијазам учествувале во садењето, придонесувајќи за создавање на нов зелен простор кој симболично е наречен „Нашата волшебна шума“.

Ова е втора ваква акција организирана од градинката. Садниците од зимзелени дрвја биле обезбедени од самата установа, додека јасенот е обезбеден од ЈП „Национални шуми“ – ПЕ „Бабуна“ од Велес. Теренот за пошумување бил претходно подготвен во соработка со ЈКП „Дервен“, со што биле создадени услови за успешно засадување на илјадниците садници.