На 17 декември православните верници ја одбележуваат Света великомаченичка Варвара, празник со длабоко значење во народната традиција, кој го означува почетокот на посебен период што трае до Божиќ. Се верува дека секој гест, збор и намера во овој период симболично го навестува текот на годината што доаѓа.
Сеење на божиќната пченица Еден од најраспространетите обичаи е сеењето на божиќната пченица токму на денот на Света Варвара. Пченицата се смета за симбол на животот, обновувањето и Божјиот благослов. Во многу домови се верува дека колку пченицата е погуста и позелена до Божиќ, толку годината ќе биде бериќетна и мирна. Доколку пченицата не се посее утре, следната можност е на 19 декември, на празникот Свети Никола, но најсилната симболика е врзана за денот на светицата.
Варење на жито (пченица/коливо) Во некои краишта се задржал обичајот да се вари жито, познато и како пченица или коливо. Житото се јаде на денот на Света Варвара и на следниот ден, на празникот Преподобен Сава Осветен или Свети Нектариј Битолски. Овој обичај симболизира желба за здравје, долговечност и духовен мир во домот.
Старо верување за соништата Според народните верувања, од денот на Света Варвара па до Божиќ не е добро да се помнат или раскажуваат соништата. Се верува дека тие можат да донесат немир ако се споделат.
Продолжување на денот и победата над темнината Со празникот Света Варвара, денот постепено почнува да се продолжува, а ноќите стануваат пократки. До Божиќ, денот симболично „победува“ над темнината, што се толкува како знак на надеж и нов почеток.
Како да се посее божиќната пченица За да се испочитува обичајот, пченицата се потопува во вода преку ноќ, потоа се става во плитка чинија со малку земја или влажна подлога. Се распоредува рамномерно и лесно се покрива. Во средината обично се остава место за свеќа. Садот се чува на светло место, подалеку од директна топлина, и секојдневно се навлажнува со малку вода.
Света Варвара – заштитничка во тешки моменти Во православната традиција, Света Варвара се почитува како заштитничка од ненадејна смрт, болести и несреќи. Верниците го користат овој ден за молитва, тишина и желба за мир, здравје и заштита на семејството.
















