Американската амбасадорка во Северна Македонија, Ангела Агелер, во интервју за ТВ Сител изрази загриженост дека важни прашања, како миграцијата, се користат за политички поени. Таа истакна дека ваквиот пристап не е продуктивен и не служи на граѓаните.
– „Она што мислам дека не е корисно е да заземете една страна за кое било прашање, вклучително и за толку важно како што е миграцијата, само за да добиете политички поени. Тоа е навистина лоша услуга за граѓаните“, рече Агелер.
Амбасадорката потсети дека темата за мигрантите е актуелна и во САД и дека нејзината земја води разговори со многу држави за справување со ова прашање. Таа нагласи дека постоењето на разговори не значи дека има дефинирана политика, туку се работи за заеднички напори за справување со предизвиците што ги имаат граѓаните.
Партиските конфликти и корупцијата
Во однос на меѓусебните обвинувања меѓу партиите и разочараноста на граѓаните од политиката, Агелер истакна дека политичкиот конфликт без конкретни решенија е штетен:
– „Една работа што ја сметам за нездрава е тоа партии да се расправаат само за да не се согласуваат. Ништо не се постигнува со тоа. Тие треба да излезат пред јавноста и да имаат план. Младите често велат: ‘Јас се грижам за економија, важни ми се можности за работа, а вие се расправате за работи што не влијаат на мојот живот. Зборувајте за здравството, безбедноста, економските можности’“, нагласи Агелер.
Таа оцени дека Владата покажува посветеност во борбата против корупцијата, особено преку ангажманот на посветени поединци во судството и институциите, кои, како што рече, „се како гласови во пустина“.
– „Се надевам дека повеќе луѓе ќе им се придружат, зашто некои работи треба правилно да се направат“, додаде амбасадорката.
Оптимизам и свесност кај граѓаните
Агелер изрази оптимизам дека свесноста за корупцијата и потребата од одговорност расте, особено меѓу младите и локалните лидери:
– „Јас сум Американка и сум оптимист. Забележувам дека има ниво на свесност и препознавање што порано немаше. Луѓето сега бараат одговорност од своите избрани претставници, а одговорноста е неверојатно моќна работа“, заклучи таа.
















