Повеќе од 40 автошколи се под истрага на Комисијата за заштита на конкуренцијата поради сомнеж дека заеднички ги договарале цените за обука на кандидатите за возачи.
Претседателката на Комисијата, Малинка Силјановска Николиќ, за Телевизија 24 изјави дека се проверува дали автошколите картелски се здружиле и усогласиле цени, што претставува потенцијално прекршување на член 7, став 1 од Законот за заштита на конкуренцијата.
„При увидот што го вршеше Комисијата се констатирани индиции кои упатуваат на можност за усогласено информирање на цените за обуката на кандидатите за возачи“, истакна Силјановска Николиќ.
Според податоците, моменталниот ценовник за обука изнесува околу 33.000 денари, што е значително повеќе од износот пред околу десет години, кој изнесувал 19.000 денари. Некои автошколи се правдаат дека цената се зголемила поради растот на трошоците.
Комисијата најавува дека ќе продолжи со интензивно прибирање докази и детално утврдување на сите релевантни факти за случајот.
















