Премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител категорично демантираше пишувањата на британските медиуми за мигрантски кампови во земјава.
„Не, нема вистина. Јас навистина не можам да го разберам неодговорното однесување на СДС кои шират паника и страв кај граѓаните“, порача Мицкоски, додавајќи дека овие политички активности се неодговорни и создаваат непотребна вознемиреност.
Премиерот посочи дека минатите влади на СДС воделе промигрантска политика. Во 2017 година, на владина седница била усвоена Националната стратегија, а преку Министерството за социјална политика и труд испратени биле дописи до општините за идентификување на соодветни локации за потенцијални кампови за интеграција на мигранти.
„Од друга страна ги разбирам поради тоа што ова е тема на која што тие мислат дека ќе се мобилизираат внатрешно, но практиката на нивните влади и нивната политика е токму промигрантска. Јас не можам да ја разберам нивната пи-ар стратегија, бидејќи ова ќе им се одрази во иднина, а мигранти нема да има“, нагласи Мицкоски.
Премиерот испрати порака до граѓаните дека нема никаков договор за прифаќање на мигранти и дека додека тој е претседател на Владата, такво нешто нема да се случи.
Во однос на поднесената Резолуција во парламентот од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски истакна дека сите ставови што ги изнел се содржани во текстот на Резолуцијата и ги повика пратениците од СДС да ја поддржат.
„Денеска во парламентот доставивме Резолуција со која јасно се осудува неодговорното однесување на опозицијата. Нека ја поддржат“, рече Мицкоски.
















