Скопјанката Ирина Нелковска јавно предупреди на сериозен безбедносен проблем откако утринава доживеала непријатен и потенцијално опасен инцидент додека се движела со велосипед по кејот на Вардар.
Според нејзиното сведоштво, на потегот од адреналинскиот парк во Карпош 4 до Александар Палас, најпрво била опколена од неколку кучиња, а потоа кон нив се приклучиле уште многу, при што чопорот броел над 20 животни.
Таа вели дека ситуацијата ескалирала кога кучињата почнале агресивно да ја следат, па дури и да ѝ ги влечат торбите од велосипедот, обидувајќи се да ја оттурнат од рамнотежа.
„Ако паднев, оној чопор немаше да ме остави на мира“, предупредува Нелковска, додавајќи дека во моментот немало никој во близина кој би можел да помогне.
Овој дел од кејот, според граѓаните, подолго време е проблематичен поради присуство на бездомни кучиња кои реагираат на велосипедисти, тркачи и лица со тротинети.
Нелковска апелира до надлежните институции итно да преземат мерки, нагласувајќи дека ваква ситуација е недозволива за урбана средина и дека е само прашање на време кога може да дојде до посериозен инцидент.










