Суд во Ел Салвадор започна масовно судење против повеќе од 400 наводни водачи на криминалната банда Мара Салватруча (MS-13), во постапка што опфаќа над 47.000 кривични дела извршени во периодот од 2012 до 2022 година.
Според обвинителството, вкупно 486 обвинети издавале наредби за убиства, фемициди, изнуди, трговија со оружје и присилни исчезнувања. Тие се товарат и за бунт, односно обид за воспоставување паралелна држава преку територијална контрола.
Обвинителите приложиле обдукциски извештаи, балистички анализи и сведоштва, и побарале максимални казни за секое дело. Тоа значи дека дел од обвинетите, доколку бидат прогласени за виновни по сите точки, може да се соочат со казни до 245 години затвор.
Случајот опфаќа и наредби за убиство на 86 лица за време на периодот од 25 до 27 март 2022 година, кој се смета за најкрвав викенд во поновата историја на земјата.
По тој бран насилство, властите прогласија вонредна состојба на национално ниво, која се продолжува секој месец. Во рамки на тие мерки, приведени се повеќе од 91.500 лица.
Мерките предизвикаа остри критики од меѓународната заедница и организации за човекови права, кои обвинуваат за масовни прекршувања, вклучувајќи тортура, убиства и присилни исчезнувања.
Од друга страна, владата на претседателот Најиб Букеле тврди дека мерките дале резултат, наведувајќи дека стапката на убиства значително се намалила – од 7,8 на 1,3 на 100.000 жители до 2025 година.










