Србија за првпат по 13 години нема да има свој претставник на меѓувладината конференција во Брисел, потврди претседателот Александар Вучиќ, нагласувајќи дека лично одлучил да не присуствува со цел, како што рече, да ја заштити државата и да спречи дополнителни притисоци врз Владата.
„Нема да заминам. Ќе го имаат Западен Балкан без Србија. Таа одлука ја донесов свесно, затоа што не сакам владата да трпи притисоци. Разговарав со голем број европски лидери и сум искрено благодарен на Макрон, Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта“, изјави Вучиќ.
Тој откри дека имал долг разговор со францускиот претседател Емануел Макрон и истакна дека секоја негова одлука е насочена кон интересите на српските граѓани. Според него, Србија ќе продолжи по европскиот пат додека тој е претседател, а понатаму, како што рече, ќе се види.
Вучиќ предупреди дека регионот е опасно блиску до конфликт и дека Србија мора да остане на своја страна, потсетувајќи на историските жртви од Првата светска војна, кога земјата изгубила 28 проценти од населението. Неговата цел, вели, е стабилна економија, слободни граѓани и сигурна иднина.
„Немаме проблеми со девизниот курс, луѓето можат да трошат, економијата функционира. Јас живеам за овој народ и за оваа држава. Секогаш сум подготвен товарот да го носам сам, а не да се кријам зад други“, нагласи српскиот претседател.
Преговорите за НИС при крај, Генералштабот останува ругло во центарот на Белград
Во интервју за РТС, Вучиќ изјави дека преговорите поврзани со НИС се во завршна фаза и дека се очекуваат трилатерални разговори со руската страна и голема меѓународна компанија. Иако, како што рече, оптимизмот му е умерен, смета дека станува збор за клучно прашање за Србија.
Тој посочи дека исходот во голема мера зависи од одлуките на САД, што, според него, нема врска со интересите на српските граѓани. Сепак, увери дека Србија располага со високи резерви на гас и нафта и дека енергетската стабилност е обезбедена најмалку до крајот на јануари.
Кога станува збор за зградата на Генералштабот, Вучиќ оцени дека таа ќе остане „морничав потсмев“ во срцето на Белград, откако пропаднала огромна инвестиција поради, како што тврди, политиката на блокадерите.
Тој наведе дека Србија изгубила стотици милиони евра потенцијални вложувања, музеј за жртвите и значаен туристички потенцијал, нагласувајќи дека 25 проценти од проектот би припаѓале на Србија без државата да вложи сопствени средства.
Според Вучиќ, целата ситуација претставува директен удар врз секој граѓанин, а обвинувањата и постапките, како што рече, се водат со цел политичка пресметка со него лично, а не во интерес на државата и правдата.
Тој остро ја критикуваше улогата на одредени институции, тврдејќи дека имаат преголема моќ без соодветна контрола и дека се однесуваат како недопирливи, додека, како што вели, невини луѓе се прогонуваат, а виновните остануваат недопрени.
















