ПРВ.мк
Балкан

Туристка остана во шок од цените на Јадранот: „200 евра за две лежалки? Ова го нема ниту на Сејшели!“

Туристка остана во шок од цените на Јадранот: „200 евра за две лежалки? Ова го нема ниту на Сејшели!“

Луксузните плажи во Црна Гора предизвикаа изненадување кај странска туристка, која не можеше да поверува колку чинат лежалките на некои од најпознатите летувалишта на црногорското крајбрежје.

Чешката инфлуенсерка Кејт, позната на социјалните мрежи како „Kate & Pinky“, која патува низ Европа со својата препознатлива розова веспа, ги посетила Милочер и Свети Стефан, но цените што ги затекнала на плажите ја оставиле без зборови.

Во видео кое го споделила со своите следбеници, таа покажала дел од луксузните плажи и открила дека за две лежалки и чадор била побарана цена од дури 200 евра.

„200 евра за две лежалки и чадор? Навистина?! Ова дури не сум го видела ниту на Сејшелите или Фиџи! За среќа, сè уште постојат некои јавни опции, но прашање е до кога“, напишала таа.

Првата локација што ја посетила била познатата Краљева плажа кај Милочер. Таму ја изненадила цената за користење на плажниот мобилијар.

„Ако сакате да останете на оваа плажа зад мене, изгледа дека треба да платите 200 евра за стол и лежалка“, кажала Кејт во видеото.

Потоа продолжила кон плажата Свети Стефан 2, која е дел од хотелскиот комплекс, каде што повторно се распрашала за цените. Одговорот бил ист – две лежалки и чадор повторно чинат 200 евра.

„Го прашав човекот дали луѓето навистина плаќаат за тоа, а тој ми кажа дека вчера било целосно резервирано. Значи, очигледно луѓе плаќаат. Јас едноставно не сум толку богата“, изјавила инфлуенсерката.

Сепак, таа пронашла и поевтина варијанта. На јавната плажа од другата страна на островот, цените биле значително пониски. За првиот ред покрај морето, две лежалки чинеле околу 50 евра, додека во последниот ред цената била околу 30 евра.

„Бидејќи патувам сама, ќе одам таму и ќе седнам на песокот“, заклучила Кејт.

Нејзиното видео брзо привлече внимание кај корисниците на социјалните мрежи, а многумина коментираа за високите цени на најексклузивните туристички локации во регионот.

Свети Стефан по петгодишна пауза повторно се врати на светската туристичка мапа на 1 јули, што предизвика голем интерес кај посетителите. И вилата Милочер повторно ги отвори вратите за гости, а според туристичките информации, интересот за престој таму е исклучително голем.

Овие места и понатаму важат за едни од најпрестижните дестинации на Јадранот, каде што луксузот и ексклузивноста значително влијаат врз цените.