Германските власти отворија истрага од највисок приоритет откако на аеродромот Лајпциг/Хале беше откриен дрон со експлозивна направа во близина на украински товарен авион.
Инцидентот предизвика итна седница на германскиот Совет за национална безбедност, со која претседаваше канцеларот Фридрих Мерц, иако во моментот е на одмор. Од Владата соопштија дека тој е во постојан контакт со надлежните министри и безбедносните служби.
Според информациите, дронот бил забележан во обезбедениот дел од товарната зона на аеродромот, каде што експерти на Сојузната полиција успешно ја деактивирале експлозивната направа.
Германските медиуми објавија дека леталото било забележано како лета ниско во близина на украински транспортен авион „Антонов Ан-124“. На дронот, според безбедносните служби, биле прикачени околу половина килограм пластичен експлозив семтекс.
Во моментот на инцидентот на аеродромот имало повеќе украински товарни авиони. Лајпциг/Хале има важна улога како европски логистички центар и се користи за транспорт на воена помош за Украина.
Поради сериозноста на случајот, истрагата ја презеде Сојузното државно обвинителство, кое оценува дека станува збор за предмет со особено значење за националната безбедност.
Украинската компанија „Антонов“ има база за одржување на овој аеродром од 2006 година, а по почетокот на војната целата своја флота ја префрли во Лајпциг. Според германски медиуми, нејзините авиони повремено се користат и за транспорт на воена опрема за Украина, НАТО и германскиот Бундесвер.








