Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска истакна дека единствена стратегија за стабилен и успешен Западен Балкан е сите кандидати од регионот да станат членки на Европската Унија истовремено. Изјавата ја даде на форумот „BELTALKS: Белградски економски разговори“, организиран од GLOBSEC.
„Ако примиме само еден, двајца или тројца, што ќе правиме со останатите? Како ќе се решат отворените прашања? Дајте сите да се чувствуваме добро“, нагласи Вучиќ, додавајќи дека Европа без внатрешни граници е предуслов за стабилност и напредок на народите во регионот.
Претседателот потенцираше дека со овој колективен пристап сите заедници – Срби, Бошњаци, Албанци и Хрвати – ќе се чувствуваат подобро, и дека токму оваа порака ќе ја пренесе на средбите во Брисел со Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта.
Во однос на кризата во Нафтената индустрија на Србија, Вучиќ најави дека државата ќе ги заштити економијата и инвестицискиот рејтинг, наведувајќи три можни решенија, вклучувајќи и интервенција на државата.
На крајот од говорот, Вучиќ предупреди дека светот може да се движи кон голем конфликт во следните 18 месеци, но истакна дека Србија ќе продолжи да се однесува воздржано и одговорно, и покрај притисоците од соседите.
















