Државниот завод за ревизија констатираше сериозни неправилности во работењето на АД Државна лотарија за 2024 година, при што се утврдени сомнителни исплати на добивки и злоупотреба на парични средства во износ од скоро 2 милиони евра.
Ревизорите наведуваат дека постои сомнеж за злоупотреба на парични средства, како и за незаконско работење со благајната и платежните сметки на друштвото. При ревизијата на финансиските извештаи и усогласеност на работењето за приредување игри на среќа, било утврдено дека многу од исплатите на мали добивки, во износ над 13 милиони денари, биле извршени без валидна документација.
Исто така, ревизијата покажала дека дневниот пазар по основ на продажба на лотариски и електронски игри на 10 сопствени продажни места изнесувал 746.970 евра, но средствата од овој пазар не биле редовно уплаќани на платежните сметки на друштвото во деловните банки.
За утврдените неправилности и сомнежи за незаконско работење, Државниот завод за ревизија ги известил надлежните органи за понатамошно постапување.
















