Двајца жители на Кавадарци се пријавени за кривично дело „лихварство“ според член 260 од Кривичниот законик.
ОВР Неготино поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Кавадарци против Н.С. (59) и Р.С. (34), поради сомнение дека во периодот од јуни 2023 до ноември 2025 година на едно лице од Неготино му давале пари на заем со писмени и усни договори, со лихва која на крајот достигнала 167.000 денари. Оштетениот доставил и докази за извршеното дело.
Со судска наредба од Основен суд Кавадарци извршен е претрес во домовите и помошните простории на пријавените, при што се одземени мобилни телефони, а од Н.С. и тефтери со забелешки. Двајцата се уапсени.
















