Иако е долга само околу три милиметри и е помала од зрно ориз, најмалата коска во човечкото тело има клучна улога во процесот на слушање. Станува збор за стапесот, познат и како узенгисна коска, која го добила името по својата форма што наликува на узенгија.
Оваа ситна коска се наоѓа во средното уво и е една од трите слушни коски, заедно со чеканчето и наковалната. Тие работат заедно за да ги пренесат и засилат звучните вибрации што доаѓаат од тапанчето кон внатрешното уво.
Кога звучните бранови ќе стигнат до увото, најпрво го придвижуваат тапанчето, а потоа вибрациите се пренесуваат преку овие три коски. Благодарение на нив, звукот стигнува до внатрешното уво, каде што се претвора во нервни сигнали што мозокот ги препознава како звук.
Иако стапесот е најмалата коска во човечкото тело, неговото правилно функционирање е од огромно значење. Доколку неговото движење е нарушено или коска е оштетена, може да дојде до намалување на слухот и потешкотии во слушањето.








