Безбедносните служби во Северна Македонија спроведуваат истрага за новоформирана група наречена „Ашаб Ал Јамин“ (HAYI), за која постојат сомнежи за можна поврзаност со структури блиски до Иран. Според информации објавени на платформата De Re Militari, организацијата наводно презела одговорност за повеќе антисемитски инциденти во Европа во март и април.
Еден од посериозните случаи што се поврзуваат со групата е пожар во објект на еврејската заедница и синагога во Скопје. Настанот се случил за време на велигденскиот викенд, а според истрагата, цел биле верски и културни објекти на еврејската заедница во главниот град.
Според безбедносни анализи, првичните проценки укажуваат дека групата се појавила на почетокот на март 2024 година без претходна позната активност, што отвора сомнежи дека може да се работи за структура која користи локални криминални мрежи или поединци за изведување напади, вандализам и подметнување пожари.
Покрај настанот во Скопје, групата се поврзува и со инциденти во неколку европски земји. Во Лондон биле запалени амбулантни возила на еврејска медицинска служба, додека во Париз бил спречен обид за напад пред канцеларија на „Bank of America“, во кој биле вклучени двајца малолетници. Во Белгија и Холандија се пријавени повеќе пожари и експлозии во контекст на зголемени геополитички тензии меѓу САД, Израел и Иран.
Експертите за безбедност предупредуваат дека Југоисточна Европа, вклучително и Балканот, може да биде искористена како логистичка зона за вакви структури поради послаби безбедносни капацитети во споредба со Западна Европа. Регионот се оценува како потенцијално ранлив во случај на понатамошна ескалација на конфликтите на Блискиот Исток.
Засега нема официјални информации за апсења или конкретни полициски акции поврзани со групата, а истрагата во Скопје продолжува во координација со меѓународни партнери.










