Жителите на американскиот град Билокси, во сојузната држава Мисисипи, беа вознемирени по откривањето сериозен безбедносен инцидент во две продавници на познат трговски ланец. Според информациите на локалната полиција, 33-годишна жена била уапсена под сомнение дека намерно ставалa жилети во векни леб кои се продавале во маркетите.
Осомничената, Камил Бенсон од Тексас, се соочува со обвинение за обид за нанесување физичка повреда, а судот ѝ одредил кауција во износ од 100.000 долари. Инцидентите биле пријавени од страна на купувачи кои во различни денови откриле жилети во купен леб од два различни објекта во Билокси.
Првиот случај бил евидентиран на 5 декември, кога клиент пријавил дека пронашол жилет во векна купена од еден од маркетите. Само неколку дена подоцна, на 8 декември, уште еден купувач пријавил слично откритие во друга продавница од истиот ланец. По дополнителна пријава во неделата, вработените започнале внатрешна проверка и откриле дека и други векни биле контаминирани со опасни предмети.
Полициската управа во Билокси веднаш излезе со апел до јавноста, повикувајќи ги граѓаните кои купиле леб од овие локации да ги проверат производите и да пријават доколку забележат нешто сомнително.
Од трговскиот ланец соопштија дека веднаш ги повлекле сите потенцијално засегнати производи и спровеле детална контрола на залихите. Во официјалната изјава нагласија дека безбедноста на купувачите е нивен апсолутен приоритет и дека целосно соработуваат со надлежните институции во текот на истрагата.
Полицијата засега не располага со информации дека вакви случаи се случиле и во други продавници, а истрагата продолжува со цел целосно расветлување на мотивите и околностите на овој опасен инцидент.
















