Необична појава ги збуни норвешките научници откако на арктичкиот архипелаг Свалбард биле пронајдени 13 мртви ирваси, а причината за нивната смрт сè уште останува непозната.
Животните биле откриени за време на редовно пребројување на популацијата на ирваси во две долини на архипелагот. Меѓу пронајдените биле двајца мажјаци и 11 женки, што дополнително ја зголемило загриженоста кај експертите.
Надлежните посочуваат дека ваков случај е крајно необичен, бидејќи станува збор за возрасни животни кои биле способни за размножување, а нивната смрт се случила во летниот период – време кога условите за преживување обично се многу поповолни.
„Исклучително е невообичаено репродуктивно способни женки и возрасни мажјаци да умираат во текот на летото“, изјавиле претставници на Свалбард.
Поради мистериозниот случај, властите апелираа до жителите и посетителите на архипелагот да пријават доколку забележат нови случаи на угинати ирваси, за научниците да можат да соберат повеќе информации.
Во обид да ја откријат причината за смртта, ветеринари веќе извршиле обдукција на три од пронајдените животни. Биле земени бројни примероци за дополнителни анализи, но досега резултатите не дале конкретен одговор.
„Земени се бројни примероци, но причината за смртта сè уште е непозната“, соопштија надлежните.
Ирвасите од Свалбард се посебен подвид кој живее исклучиво на овој арктички архипелаг и се приспособени на суровите услови во далечниот север. Токму поради нивната ограничена распространетост, секоја необична промена во нивната популација предизвикува големо внимание кај научниците.
Засега останува отворено прашањето што стои зад ненадејната смрт на животните, а истражувањата продолжуваат со цел да се открие дали причината е поврзана со болест, животната средина или некој друг фактор.








