Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија усвоија нов пакет санкции против Русија, со кој се опфатени 12 физички лица и две правни лица, поради, како што се наведува, хибридни и дестабилизирачки активности насочени кон ЕУ и нејзините партнери.
На листата се најдоа аналитичари и експерти за надворешна политика поврзани со руски институции, универзитети и тинк-тенкови блиски до Кремљ, како и влијателни поединци кои шират проруска пропаганда, теории на заговор за инвазијата врз Украина и наративи насочени против Украина и НАТО. Дел од нив се поранешни воени или полициски функционери од западноевропски земји.
Санкции се воведоа и против Меѓународното русофилско движење за ширење дестабилизирачки пораки во согласност со официјалните позиции на руската влада, како и против 142-та баталјон за електронско војување со седиште во Калининград, кој, според ЕУ, е одговорен за попречување на кратковалните комуникациски системи и електронско војување, вклучително и за неодамнешните прекини на GPS сигналот во неколку земји членки.
На санкциската листа се најдоа и припадници на руската Воено-разузнавачка служба ГРУ и групата за киберзакани „Cadet Blizzard“, која извршувала кибернапади врз државни институции во Украина, земјите од ЕУ и НАТО, со цел прибирање чувствителни информации и политичка дестабилизација.
Со овие нови мерки, рестриктивните мерки на ЕУ поради дестабилизирачки активности на Русија сега се применуваат на вкупно 59 физички лица и 17 правни субјекти.
Дополнително, санкции беа воведени против уште пет лица и четири компании кои, според Брисел, ја поддржуваат т.н. руска „флота во сенка“. Станува збор за бизнисмени поврзани со руските нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“, како и бродски компании со седиште во Обединетите Арапски Емирати, Виетнам и Русија, чијшто танкери се користат за заобиколување на забраната за извоз на нафта.
Европската унија истакнува дека новите мерки имаат за цел да го ограничат влијанието на Русија и да одговорат на активности што ја загрозуваат безбедноста и стабилноста на Унијата и нејзините партнери.















