Јавното обвинителство побара доживотна затворска казна за 25-годишниот Трајко Бојковски од Старо Нагоричане, кој е обвинет за убиства на четири возрасни и немоќни жени, како и за два обиди за убиство, објави 4news.mk.
Барањето за најстрога казна било изнесено во завршните зборови од судскиот процес.
Според обвинението, Бојковски се товари за четири убиства, а обвинителството тврди дека дел од делата биле поврзани со задоволување полови нагони врз мртви тела.
Во завршниот збор, обвинителот посочил дека кај обвинетиот, според нивната оценка, отсуствувале емпатија, чувство на вина и страв. Обвинителството исто така тврди дека тој бил пресметлив при извршувањето на делата и дека постои висок ризик од нивно повторување.
Поради тоа, обвинителството смета дека не постои реална можност за негова ресоцијализација и побара судот да изрече доживотен затвор.
На кривичниот прогон се приклучила и одбраната на семејствата на оштетените, која побарала и надомест на штета.
Одбраната на Бојковски, пак, оспорила едно од убиствата, како и мотивите што му се ставаат на товар во двата случаи на обид за убиство.
Обвинетиот признал три убиства и изразил каење за стореното. Неговата одбрана побарала судот признанието и каењето да ги земе предвид како олеснителни околности при одлучувањето за висината на казната.
Според најавите, пресудата во случајот треба да биде објавена во петок.







